ОК Фламинго Волеј со шампионска сезона и официјално промовиран во нов прволигаш

ОК Фламинго Волеј во сабота го одигра последниот натпревар од Втората лига – жени, по кој следеше и официјално прогласување на клубот за нов член на Првата лига.

Натпреварот против екипата на Виола Волеј се одигра во салата на ООУ „Невена Георгиева Дуња“, во Општина Кисела Вода, пред публика која беше сведок на уште еден убав момент во историјата на клубот. Фламинго зад себе остави историска сезона во која оствари максимален учинок – 26 натпревари и 26 победи, со што заслужено го освои првото место и обезбеди пласман во најсилното друштво. Претседателот и тренер на клубот, Велика Гоцевска, истакна дека успехот не е случаен, туку резултат на долгогодишна работа со младинските категории.

„Овој успех не дојде преку ноќ. Тој е резултат на повеќегодишна работа со младите категории. Повеќе од 70 проценти од тимот е составен од девојки кои се дел од клубот уште од најмала возраст. Растевме заедно со нив, а денес го гледаме резултатот од таа посветеност“, изјави Гоцевска.

Таа додаде дека клуч за шампионската сезона бил спојот на младоста и искуството.

„Со вклучување на поискусни играчи, нашите амбиции дополнително се зголемија. Создадовме одлична енергија во тимот, а комбинацијата од младост и искуство донесе стабилност и квалитет. На секој натпревар влегувавме максимално фокусирани и со желба за победа“, додаде Гоцевска.

Од клубот истакнуваат дека влезот во Првата лига е нов почеток и нов предизвик, а амбициите се Фламинго да биде конкурентен и во елитното друштво. Свеченото прогласување по последниот натпревар беше заокружување на сезона што долго ќе се памети сезона во која Фламинго Волеј испиша историја со совршен учинок и заслужен пласман во Првата лига.