Дончиќ бадијала доби помилување – не е во конкуренција за МВП на сезоната

НБА лигата ноќеска ги објави кандидатите кои останаа во потесниот избор за наградите што им се доделуваат на кошаркарите за достигнувања во текот на регуларната сезона.

Најголем интерес предизвика одлуката за тоа кои тројца играчи ќе бидат во конкуренција за добитник на најпрестижната индивидуална награда, МВП или Најкорисен играч на лигата. Тоа се Шеј Гилџес Александар, бранител на титулата MVP, како и титулата шампион на НБА со Оклахома Сити Тандер. Втор е Никола Јокиќ од Денвер Нагетс, а трет е Виктор Вембанјама од Сан Антонио Спарс.

Канаѓанецот ја заврши регуларната сезона со просек од 31,1 поен по натпревар, што го прави втор најдобар стрелец во лигата. Тој има 4,3 скока и 6,6 асистенции по натпреварсо 55% шут од игра. Јокиќ, добитник на наградата за најкорисен играч во 2021, 2022 и 2024 година, ја заврши регуларната сезона со трипл дабл просек од 27,7 поени, 12,9 скока и 10,7 асистенции по натпревар. Тој е најдобар во лигата по скока и асистенција. Шутираше со 56,9 проценти. Вембанјама, дебитант на годината во 2024 година, имаше 25 поени, 11,5 скока и 3,1 асистенција по натпревар со 51,2 проценти шут.

За Лука Дончиќ беше шокантно тоа што не е меѓу кандидатите за МВП иако играше брилијантно во својата прва целосна регуларна сезона за Лејкерси. Тој е најдобар стрелец во лигата со 33,5 поени по натпревар, бележеше и 7,7 скока, додека со 8,3 асистенции е трет најдобар додавач во лигата. Покрај тоа, тој е исто така близу до врвот по украдени топки, 1,6 по натпревар. Сепак, сето ова не е доволно за да се влезе меѓу тројцата кандидати за МВП.

Словенецот ја заврши регуларната сезона со 64 настапи, еден помалку од минимумот потребен за влез во конкуренцијата за МВП, но минатата недела беше одлучено дека може да се натпреварува за наградите од НБА и покрај тоа што не го одигра потребниот број натпревари. Одлуката ја донесоа заеднички раководството на НБА и Националната асоцијација на кошаркари (NBPA), повикувајќи се на клаузулата за вонредни околности од Колективниот договор.

Дончиќ пропушти два натпревари за да присуствува на раѓањето на неговата ќерка во Словенија. Откако ги разгледаа сите околности, НБА и НБПА се согласија дека тој е подобен за наградите врз основа на претходно споменатата одредба за вонредни околности.