Бесни „Чкембари“ со палки и факели нападнале комбе со навивачи на Охрид (ВИДЕО)

Елиминацијата на Пелистер уште во полуфиналето од Куп на Македонија донесе големо разочарување во Битола, откако шампионот загуби од Охрид (19-26) во натпревар одигран под сите очекувања.

Пресметката на завршниот турнир во Струмица, за жал, доби и несакано „трето полувреме“, кое се случи на патот меѓу Битола и Охрид. Група навивачи познати како „Чкембари“ на регионалниот пат нападнаа комбе во кое најверојатно се наоѓале симпатизери на охридскиот клуб. Возилото било накратко задржано, а потоа и удирано со различни предмети, при што целиот инцидент бил снимен и споделен на социјалните мрежи.

„Баравте проблем, добивте“, гласи пораката објавена од навивачката група.

Ваквите инциденти фрлаат сенка врз спортските случувања и отвораат прашања околу безбедносната организација, особено зошто навивачите на Охрид немале полициска придружба при враќањето од натпреварот.