Шок: Победничка на Вимблдон е пред четиригодишна суспензија – одбила да отвори врата!

Чешката тенисерка Маркетa Вондрушова се соочува со најтежок период во кариерата, откако самата призна дека е под истрага за кршење на антидопинг правилата.

Освојувачката на Вимблдон од 2023 година откри дека против неа е покрената постапка поради одбивање на допинг контрола, прекршок кој според строгите правила може да донесе суспензија до четири години. Таа во емотивна објава на социјалните мрежи дека до инцидентот дошло кога одбила да отвори врата на непознато лице кое се појавило доцна навечер. Како што наведува, стравот од можен напад бил пресуден, особено по трауматичниот случај со нејзината сонародничка Петра Квитова, која во 2016 година беше тешко повредена со нож при кражба во нејзиниот дом.

„Експертите потврдија дека сум имала акутна реакција на стрес и генерализирано анксиозно нарушување. Во тој момент стравот ми го замагли расудувањето и не можев рационално да реагирам. По тоа што ѝ се случи на Петра, не ги сфаќаме лесно непознатите луѓе пред нашата врата“, напиша Вондрушова.

Таа тврди дека допинг-контролорот не се идентификувал соодветно и не го следел протоколот, а откри и дека подолг период се бори со ментални проблеми.

„Не можам повеќе да велам дека сум добро кога не сум. Ова се случи затоа што стигнав до точка на пукање по месеци физички и психички стрес. Се борам со повреди, притисок и несоница, а дополнително добивам пораки со омраза и закани поради кои не се чувствувам безбедно ниту во сопствениот дом“, искрено порача Чешката.

Од Меѓународна агенција за интегритет во тенисот потврдија дека случајот е во тек.

„Свесни сме за изјавите на тенисерката. Можеме да потврдиме дека е покрената истрага за одбивање тест, но во оваа фаза не можеме да откриеме повеќе детали“, соопштија од организацијата.

Ова не е првпат Вондрушова да реагира на работата на антидопинг службите. Минатата година јавно ги критикуваше контролорите кои ѝ дошле во термин кога не била достапна. Инаку, таа во моментов не е под привремена суспензија и теоретски може да настапува додека трае постапката, но е надвор од терените од јануари поради повреда на рамото. Доколку нејзината одбрана не биде прифатена, тенисот би можел да остане без една од најталентираните тенисерки во моментов.