Вардар ќе ја полни мрежата на Шкупи, пеколна битка за опстанок во Битола!
Екипата на Вардар го пречекува веќе испаднатиот Шкупи (13 часот) на теренот во тренинг-центарот „Петар Милошевски“ - дуел во кој „црвено-црните“ се апсолутни фаворити. Чаирчани сезонава имаат само еден бод од 27 натпревари и се убедливо на дното, па сè освен сигурна победа на Вардар би било сензација. Скопскиот тим има дополнителен мотив, бидејќи со три бода може повторно да се врати на врвот на табелата и да ја прескокне Шкендија, која во моментов има 67 бодови, додека црвено-црните се втори со 65 бодови, но и со меч помалку. Ова е шанса за нападот на Вардар да се разигра, со оглед што тимот на девет од последните 10 натпревари нема постигнато повеќе од еден гол.
Пелистер, пак, ја пречекува Македонија Ѓорче Петров (15 часот) во неизвесна директна пресметка за опстанок. Битолчани се деветти со 26 бодови (позиција за бараж), додека гостите се 11-ти и се во зоната за директно испаѓање, но со само два бода помалку. Победата за двете екипи може да значи голем чекор кон спас, па затоа се очекува неизвесен и тврд натпревар.