ХАОС ВО ПЕЛИСТЕР: Соблекувалната „вриe“, играчите поделени – Алушовски си поднел оставка, управата не ја прифаќа!

Вчерашната елиминација од Охрид, во Купот на Македонија до темел ја разниша атмосферата кај актуелниот македонски ракометен шампион Пелистер. 

Клубот, кој неодамна ја продолжи т.н. "платформа" која значи соработка и финасирање со Општина Битола и во наредните две сезони, се наоѓа во тешка криза, која почна по домашниот пораз од Вардар по што борбата за титула веќе беше решена, а лошата атмосфера кулминирала по двата порази од охриѓани, првиот во првенството на домашен терен и синоќешниот во Куп - завршницата во Струмица.

Според информациите блиски до клубот, состојбата во соблекувалната е хаотична. Ракометарите се поделени во неколку „кланови“, а дел од нив отворено го бојкотираат тренерот Стевче Алушовски. Неразбирањата и нетрпеливоста на одредени ракометари кон тренерот кои тлееја подолго време, кулминирале по првиот пораз од Охрид на домашен терен. Дека нешто не штима се виде и на тајм-аутите на дуелот со Вардар, кога фрчеа навреди и пцовки кон Алушовски, нешто што е недозволиво во професионалниот спорт.

По првиот пораз од Охрид, Алушовски поднел оставка, но управата на битолскиот клуб одлучила да не ја прифати, надевајќи се дека ситуацијата ќе се стабилизира. Наместо тоа, кризата дополнително се продлабочи иако за момент, по славјето над Алкалоид во Автокоманда се доби впечаток дека екипата се враќа на стариот колосек.

Синоќешниот нов пораз од Охрид само го „запали фитиљот“. Навивачите на Пелистер, познати по својата страст и лојалност, реагираа бурно, изразувајќи огромно незадоволство од играта, пристапот и целокупната ситуација во клубот. Тоа што најмногу ги боли е фактот што управата се прави глува и слепа на нивните критики, па дури неколкупати ја исклучи и опцијата за коментирање под објавите на официјалните профили на социјалните мрежи, за да не се прочитаат критики за нивната работа.

Во моментов, Пелистер изгледа далеку од шампионскиот тим кој доминираше минатите сезони. Недостасува хемија, резултатите се под очекувањата, а притисокот врз стручниот штаб и раководството на клубот расте од ден на ден. Останува да се види дали управата ќе продолжи да стои зад Алушовски или ќе следуваат радикални промени со цел да се ублажи целосен колапс на сезоната.

Исто така, на крајот на оваа сезона, клубот може да остане и без капитенот Филип Кузмановски, чиј договор истекува, а луѓето што го водат клубот не успеаја досега да договорат продолжување на верноста. За најдобриот македонски ракометар се заинтересирани многу европски клубови кои играат во Лигата на Шампионите, па нема да биде чудо ако битолчани вторпат останат без својата икона и човекот што им донесе три титули во последните три години.