Синот на легендарниот Буштур ќе биде тим-менаџер на најдобриот национален тим!

Поранешниот младински репрезентативец, Борјан Георгиевски, кој е син на легендаарниот Благоја Георгиевски-Буштур, е именуван за нов тим-менаџер на кошаркарската репрезентација на Македонија.

Одлуката е донесена како дел од заложбите за формирање поконкурентен и поорганизиран стручен штаб во пресрет на претстојните натпревари. Георгиевски веднаш ќе ги преземе новите должности, почнувајќи од подготовките за августовските претквалификациски дуели, во кои жолто-црвените ќе се соочат со Романија и Унгарија.

„Следува лето полно предизвици, со важни натпревари и големи обврски. Нѐ очекува сериозна работа, но ќе направиме сѐ да составиме тим кој ќе заслужува почит. Нашата задача е да обезбедиме услови и силна поддршка за играчите, со цел да ја вратиме македонската кошарка таму каде што ѝ е местото“, изјави Георгиевски по именувањето.

Тој се заблагодари на раководството на федерацијата и на селекторот Марјан Илиевски за укажаната доверба, оценувајќи ја одлуката како чекор напред кон посилен и пофункционален национален состав. Македонија првиот меч ќе го одигра на 2 август во Куманово, а последниот на 20 август во Битола. Пласман во квалификациите ќе обезбедат двете најдобри селекции од групата.