Еден од најдобрите „фајтери“ во историјата на ММА реши да се – пензионира!

Американскиот ММА (мешани боречки вештини) борец Џон Џонс, еден од најуспешните и најконтроверзни борци во историјата на овој спорт, официјално стави крај на својата професионална кариера.

Веста ја потврди претседателот на УФЦ, Дејна Вајт, по завршувањето на гала-настан во Баку.

„Џон Џонс се повлече. Нов шампион во тешка категорија е Том Аспинал“, изјави Вајт на прес-конференција.

Џонс ја заврши кариерата со импресивен биланс – 28 победи, само еден пораз (со дисквалификација поради недозволен удар со лакт во 2009 година против Мет Хемил) и еден нерешен меч. Својата доминација ја градеше во полутешка категорија, каде што стана најмладиот шампион во историјата на УФЦ (на 23-годишна возраст), со рекордни осум последователни одбрани на титулата.

Тој оствари 16 победи во борбите за шампионски појаси и успеа да ги совлада осум поранешни шампиони, со што си обезбеди место меѓу најголемите во ММА. Неговата кариера, сепак, не беше без дамки. Често беше во центарот на контроверзии – од проблеми со законот, преку употреба на забранети супстанции, до откажувања на борби. Кон крајот на 2024 година, Џонс одби да се бори со новиот шампион Том Аспинал.

Но и покрај сето ова, Џонс ќе остане запаметен како борец со врвна техника, силен карактер и како една од највпечатливите личности во историјата на УФЦ.