Синер комплетира една година на чело на АТП листата и никој не може да го симне до август

Иако загуби од Карлос Алкараз во финалето од „Ролан Гарос“, Јаник Синер остана убедливо на првото место на АТП листата со над 2.000 бода повеќе од шпанскиот тенисер.

Тој денеска ја почнува 53. недела на чело и веќе комплетира една година како прв светски рекет. Она што е најинтересно за него е што никој не може да го симне од првото место најмалку до август, односно до Мастерсот во Синсинати кој се игра како предигра на УС Опен, но ако дотогаш забележи добри резултати на некои турнири, ќе остане на чело уште подолго. 

Во следните два месеца, тој ги брани титулите во Хале (500) и Синсинати (1.000), но има можност да профитира на Вимблдон и во Монтреал каде лани испадна во четвртфиналето и брани вкупно 600 бода. Од УС Опен, за Италијанецот ќе биде многу тешко бидејќи во последните два месеца брани четири титули на последните пет турнири, односно вкупно 4.830 бода. За разлика од него, Алкараз брани само 50 бода во Квинс, но исто така ја брани титулата на Вимблдон каде во игра се 2.000 бода, а на американската турнеја, вклучувајќи го УС Опен брани само 60 бода што значи дека е можно во септември да дојде до промена на првата позиција на АТП листата.

Што се однесува до останатите тенисери, пад од три позиции забележа Тејлор Фриц кој сега е на седмото место, а најголем скок забележа Томи Пол кој се искачи на осмата позиција. Новак Ѓоковиќ забележа напредок од едно место и од денеска е петти.