Шок во Полска: Левандовски поради селекторот се откажа од репрезентацијата!

Најдобриот полски фудбалер на сите времиња и најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата на оваа земја, Роберт Левандовски денеска ја шокираше тамошнаата фудбалска јавност.

Преку својот Инстаграм профил, напаѓачот на Барселона објави дека привремено се откажува од националниот тим, додека на селекторската функција е Михал Пробиерж. На ваков потег тој се реши откако во текот на денешниот ден селекторот одлучи да му ја одземе капитенската лента и да му ја додели на Пјотр Зјелински.

„Имајќи ги предвид околностите и загубата на довербата од селекторот, јас одлучив да не играм за репрезентацијата додека е тој на клупата. Се надевам дека во иднина ќе имам можност повторно да играм пред најдобрите навивачи во светот“, напиша Левандовски.

Драмата меѓу него и селекторот почна со откажувањето на Левандовски да игра во јунскиот термин на ФИФА поради премор од напорната сезона. Против него се свртеа Полјаците, па тој пред два дена излезе на телевизија и ги објасни причините поради кои се решил на таков потег, а притоа не го штедеше ниту селекторот на кого, како што рече, претходно му кажал што планира. Левандовски беше капитен на Полска од 2014 година, а во моментов е играч со најмногу одиграни натпревари (158) и постигнати голови (85). Што се однесува до Пробиерж, тој е селектор на полската репрезентацијата од 2023 година.