Синер: Вечерва нема да спијам добро, ама...

Јаник Синер испушти можност да дојде до својот четврти Гренд слем трофеј во кариерата, прв на „Ролан Гарос“ откако денеска загуби добиен натпревар против Алкараз во финалето.

Очигледна беше тагата кај Италијанецот кој вторпат за еден месец губи финален меч од Шпанецот откако истата судбина ја доживеа и на Мастерсот во Рим. Сепак, Синер собра сили да му честита на својот ривал, а на сите останати да им се заблагодари за она што го доживеа овие две недели.

„Му честитам на Карлос на неверојатната игра, го заслужи ова. Полесно е да се игра, отколку да се зборува по сето она што го одигравме овде. Неверојатен турнир за мене, се беше на врвно ниво и благодарен сум им на сите. Веројатно вечерва нема да спијам добро, ама тоа е...“, рече, меѓу другото Италијанецот.

Како утеха на Синер ќе му остане тоа што и покрај поразот останува на првото место на АТП листата и дури ќе ја зголеми предноста во однос на Алкараз.