Мората трагичар - Португалија по вторпат ја освои Лигата на нации (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Португалија е освојувач на четвртото издание на УЕФА Лигата на нации откако вечерва ја победи Шпанија на пенали спо 5-3.

По 90 минути игра, резултатот беше 2-2 со тоа што Шпанците два пати водеа, а Португалија израмнуваше. Двата гола за Шпанија беа постигнати во првото полувреме, стрелци беа фудбалерите на Сосиедад, Зубименди и Ојарзабал, додека израмнуваа Нуно Мендес и Роналдо.

„Фуријата“ имаше нешто повеќе од играта, создаваше шанси, но не успеа да ги реализира, додека Португалија своите два гола ги постигна од првите два шута. Откако Португалците израмнија, темпото спласна, двете селекции ретко создаваа шанси, па јасно беше дека ќе се играат продолженија.

 

 

На две минути пред крајот на основниот дел од мечот, Португалија остана без својот капитен Кристијано Роналдо кој доживеа повреда, најверојатно на задната ложа, нешто слично како во финалето од Европското првенство во 2016 година. Иако се очекуваше Шпанија да го искористи тоа, но и во тие 30 минути немаше голем интензитет.

Во пенал-серијата беа погодени осум од деветте изведени пенали. Трагичар беше Алваро Мората кој влезе во игра во 111. минута само за да шутира од белата точка, но Коста го одбрани неговиот удар.

Ова беше втора титула за Португалија во Лигата на нации, Шпанија остана на една, колку што има и Франција.