
Оклахома прва до финалето на НБА лигата (ВИДЕО)
Таму не бил од 2012 година кога екипата составена од тогаш релативно младите Дурант, Харден, Вестбрук итн. загуби од Мајами со 4-1. Сега со истиот резултат ја елиминира Минесота Тимбервулфс откако ноќеска, во петтиот меч славеше убедливо, со 124-94.
Можеби се очекуваше поголем отпор од противничкиот тим, но не само што не дојде до тоа, туку победникот беше решен уште во првото полувреме кое ѝ припадна на Оклахома со 65-32. Во вториот дел Минесота некако се консолидира, но само колку да не доживее невидена катастрофа. Трета година по ред, Вулфс стигнуваат до конференциското финале, но никако да ја минат оваа пречка.
Шеј Гилџес Александер уште еднаш потврди дека апсолутно заслужено е МВП на сезоната, ја предводеше Оклахома со 34 поени, 8 асистенции и 7 скока, а се истакна и Холмгрен со 22 поена и 7 скока. Кај Минесота, Рендл беше најефикасен со 24 поени.
Оклахома ќе го чека својот противник во големото финале, а тоа ќе биде подобриот од серијата меѓу Индијана и Њујорк. Пејсерс водат со 3-1, а петтиот меч се игра вечерва во Медисон Сквер Гарден.
фото: EPA Photo