
Омерагиќ: Елитата да се „скрати“ за да биде интересна – сите треба да се борат за нешто!
Ова денеска го објави Масар Омерагиќ, претседателот на ФФМ, на брифингот со новинарите.
„Се размислува да се игра четирикружно. Идејата е цело време сите екипи да се борат за нешто. Да нема екипи на средината кои не им требаат бодови. Сакаме секоја средба да носи некаква битка за секого“, изјави Омерагиќ.
Оваа изјава доаѓа во време кога македонскиот фудбал се соочува со сериозни сомнежи за нерегуларности и местење на натпревари, поврзани пред се со второлигашката средба помеѓу Кожув и Башкими (1-2). Омерагиќ потенцира дека федерацијата делува исклучиво врз основа на факти.
„ФФМ постапува согласност правилници и прописи, нема да дозволиме врз база на шпекулации да донесеме одлуки. Се зимаат изјави, се бараат докази, но тешко е да се докаже“, рече тој.
Тој откри дека одредени лица веќе се санкционирани:
„Досега се казнети директорот и тренерот на Кожув, зашто кажале дека денеска треба да се загуби. Случајот е отворен и се решава по него“, дополни Омерагиќ.
Претседателот откри дека добиле реакција и од европската Куќа на фудбалот.
„Веќе следниот ден откако се случи мечот, утрината во 8.30 имавме мејл од УЕФА да дадеме објаснување за натпреварот“, објасни првиот човек на ФФМ.
Во однос на шпекулациите за екипата на Башкими, тој посочи.
„Нема да казниме никој врз основа на шпекулации. Сите прашуваат зошто Башкими не е казнет. Ќе ви кажам отворено, никој досега во изјавите не го спомнал Башкими. Сите велат дека само ни беше кажано дека денеска треба да изгубиме. Индиции има, имаме изјави од играчи, но се водиме само според фактите“, заврши Омерагиќ, истакнувајќи дека институцијата ќе продолжи да постапува внимателно и во согласност со регулативите.