Бараж: Беса се бори да остане, Башкими да влезе во Првата лига!

Денеска со почеток од 17 часот на стадионот во Кавадарци ќе се води нова бараж битка во македонскиот фудбал, за последниот билет за Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе се борат Беса и Башкими.

Беса ќе го брани прволигашкиот статус, а Башкими ќе се обиде да го пресели противникот во понизок ранг за тие да влезат во нашата најдобра лига.

Мечот првично беше закажан на Чаир, но од безбедносни причини и во соработка со МВР решено е Кавадарци да биде домаќин. Во овој град и вчера се играше бараж, Шкендија Арачиново го победи Осоговор со 2-1 и се пласираше во Втората лига.

Според квалитетот на играчкиот кадар, Беса е фаворит во овој меч, тие имаат прволигашки тим и на хартија се поблиску до остварување на целта. Но, мотивацијата и желбата на Башкими за успех во овој дуел е голема, па ќе направат се за да се качат скалило погоре во македонскиот фудбал.

Во меѓувреме Башкими уште е под истрага на ФФМ за спорниот меч со Кожуф, нејасно е дали евентуална санкција би влијаело на статусот на кумановскиот тим ако тој денеска победи во баражот.

Како и да е, во Кавадарци се очекува голема борба од двете екипи и неизвесен меч.