
Алкалоид денеска пишува нова страница во македонската ракометна историја
Лазаров и неговите ракометари треба да се погрижат денешниот ден со златни букви да биде запишан во историјата на РК Алкалоид, треба да биде освоен европски трофеј.
Алкалоид го расплака АЕК среде Атина каде го победи со 29-25, па сега нашиот тим е голем фаворит за пехарот од ЕХФ Европскиот куп.
Клубот кој беше формиран пред само четири години сега е на пат да стане трет македонски ракометен тим кој освојувал европски трофеј по Кометал Ѓорче Петров и Вардар.
Историја би можел да испише и Кире Лазаров кој ќе стане првиот Македонец кој како тренер освоил европска титула.
Денеска АЕК го чека пекол во „Борис Трајковски“, салата брзо се распродаде, гледалиштето ќе биде полно и гласно. Гостите од Грција ќе имаат околу 200 свои навивачи, но сигурно ќе бидат надвикани од македонските грла кои ќе се најдат на трибините.
Лазаров им порача на своите ракометари во мечот да влезат релаксирано, без притисок кој го носи тежината на овој натпревар, само така ќе можат да се покажат во вистински сјај и да избегнат евентуален грч.
„Од една страна секогаш сум претпазлив од она што не очекува знаејќи го нашиот менталитет, бидејќи моменталниот ростер на клубот, 19 играчи се Македонци, тоа секогаш ќе го споменувам затоа што е важно за македонскиот спорт. Сакам да бидам претпазлив, но чувствувајќи ја атмосферата, мора малку порелаксирано да го дочекаме тој меч од страна на тимот и да уживаме“, рече Кире Лазаров.
Тој и неговите ракометари стојат пред историска шанса да донесат европски трофеј во Македонија и да испишат нова страница во најпопуларниот спорт во нашата држава.