Викенд за паметење: Стефановски драстично го подобри македонскиот рекорд во десетобој!

Македонскиот атлетичар, Огнен Стефановски, зад себе има фантастичен викенд во кој успеа да го собори државниот рекорд во десетобој настапувајќи на Отвореното првенство на Словенија во оваа дисциплина.

Тој на собирот во Целје оствари одлични резултати во секоја од десетте дисциплини, што му донесе вкупно 6.521 бодови што е речиси 200 повеќе од претходното негово и национално најдобро остварување. Стефановски најдобри резултати оствари во скок во далечина и во фрлање ѓуле и копје, во кои постигна лични рекорди. Неговиот претходен рекорд изнесуваше 6.348 бодови остварен лани во Измир и тоа на својот прв настап во десетобој.

Тој е и државен рекордер во скок со стап, откако лани прескокна 3,65 метри со што го урна претходното најдобро остварување уште од далечната 1969 година.