
Кин брутално удри по Хојлунд: Игра како аматер пред зграда, а платен е 85 милиони!
Ирецот без влакна на јазикот го нападна 21-годишниот Данец, кој оваа сезона има постигнато само четири гола на 31 натпревар во Премиер лигата, иако клубот за него плати 85 милиони евра.
„Немаа вистински напаѓач. Хојлунд вечерва изгледаше како аматер што игра фудбал пред зграда. Игра како клинец од школата. Неговиот тајминг, движењата, играта со грб кон голот – сè беше погрешно“, изјави Кин.
Тој додаде дека напаѓач на Манчестер Јунајтед мора сам да создава шанси, дури и кога нема идеална топка.
„Големите клубови секогаш имаат напаѓачи кои сами прават разлика. Хојлунд сè уште не покажал дека го има тој квалитет“, објасни некогашната легенда на „ѓаволите“.
На прашањето дали Хојлунд би изгледал подобро со поквалитетни соиграчи, Кин остро реагираше.
„Секогаш бараме изговори. Да, му треба поддршка, но понекогаш едноставно мораш да бидеш подобар. Платен е 85 милиони евра!“
Критиките не застанаа само на Хојлунд. Кин посочи и пад во формата на други играчи – како младите ѕвезди Алехандро Гарначо и Коби Мејну, кои сезонава имаа блесоци, но според него не се доволно конзистентни.
„Мејну само се шеташе, додека додавањата му беа неточни. Гарначо има моменти, но е незрел. Не можеш да се потпреш на него секоја недела“, додаде Кин.
Поразот од Челзи беше петти за Јунајтед во последните шест кола, а тимот на Рубен Аморим има само два освоени бода од почетокот на април. Со тоа паднаа на 16. место на табелата, само пред Тотнем и трите екипи што ќе се преселат во понизок ранг. Сезоната на Јунајтед би можела да биде спасена само со триумф во финалето на Лига Европа против Тотнем во Билбао. Победа би му донела прв трофеј на Аморим и место во ЛШ, додека пораз би значел потполн колапс – сезона без титула и можен пад на 17. место. Кин на крајот заклучи дека клубот има длабоки структурни проблеми.
„Не можеш сè да смениш, но не би градел тим околу Гарначо или Хојлунд. Данецот требаше да биде трета или четврта опција и да учи од врвни напаѓачи. Вака, едноставно, не е доволно добар“, заврши некогашниот ирски репрезентативец.
ФОТО: EPA PHOTO