
Александер-Арнолд со солзи се збогува со Ливерпул: Љубовта никогаш нема да згасне (ВИДЕО)
Во емотивна видеопорака, 26-годишниот бек се прости од навивачите, нагласувајќи дека ова е најтешката одлука во неговиот живот. Негова следна дестинација е Реал Мадрид.
„По 20 години во Ливерпул, дојде моментот да потврдам дека си заминувам на крајот од оваа сезона. Ова беше најтешката одлука што сум ја донел. Сакав целосно да се фокусирам на тимот и на освојувањето на 20-та титула, па затоа досега не зборував за ова“, рече Александер-Арнолд.
Фудбалерот, кој е производ на Академијата на Ливерпул, изрази голема благодарност за поддршката што ја добивал низ годините.
„Овој клуб беше мојот живот, љубовта кон него никогаш нема да згасне. Секогаш ќе им бидам благодарен на сите што ми помогнаа – од тренерите, соиграчите, до навивачите. Но, сакам нов предизвик, да излезам од зоната на комфор и да пораснам професионално и лично“, додаде тој.
Со официјално соопштение и Ливерпул потврди дека играчот ќе ја напушти екипата по истекот на договорот на 30 јуни 2025 година. Александер-Арнолд се приклучи на Академијата на шестгодишна возраст и дебитираше за првиот тим во 2016 година. Досега има одиграно 352 натпревари, постигнато 23 голови и освоено осум големи трофеи, меѓу кои и титулата од Премиер лигата оваа сезона.