Претседателот на ФК Слога Виница тепал фудбалер на Карбинци - виничани демантираат! (ФОТО)

МВР излезе со информација за пријава од страна на фудбалер на ФК Карбинци дека бил тепан во службените простории на ФК Слога Виница, од виничкиот клуб брзо следуваше нивната верзија на настанот.

Трето полувреме на натпреварот меѓу Слога Виница и Карбинци кој домаќините го добија со 7-1, а потоа ја прославуваа титулата во третата лига. 

„Во ОВР Виница, на 04.05.2025 М.Д.(35) од село Стар Караорман, Штипско, фудбалер на ФК Карбинци, пријави дека околу 15 часот во службени простории на ФК Слога од Виница, на Градскиот стадион во Виница, пред започнување на фудбалски натпревар помеѓу екипите на ФК Слога-Виница и ФК Карбинци, бил физички нападнат од Д.М.(42) од Виница, претседател на ФК Слога, додека комесарот за безбедност на ФК Слога, Н.К.(40) од Виница ја држел затворена вратата за влез на другите фудбалери од екипата на ФК Карбинци.

Во врска со настанот, во полициска станица е извршен службен разговор со Д.М. и Н.К.. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во билтенот на МВР.

Брзо потоа од Слога Виница излегоа со нивна верзија на настанот поткрепена и со слики од закани.

Соопштението на ФК Слога Виница ви го пренесуваме во целост:

„Почитувана спортска јавност, 
Фудбалскиот клуб ФК Слога 1934 - Виница  најостро ги демантира лагите и инсуациите од ФК Карбинци, нивните играчи како и нивната управа. 
Што всушност се случуваше пред и по натпреварот. Играчите како и дел од управата на ФК Карбинци неколку денови пред натпреварот со недолични и провокативни коментари на Нашата страна се обидуваа да предизвикаат инцидент уште пред почетокот на натпреварот. Ние како клуб бевме известени дека одредени играчи и членови на клубот ќе сакаат да иницираат немили настани и затоа бевме спремни на секоја нивна провокација да одговориме со разумност. Сепак нивната арогантност односно арогантноста на нивниот играч Миле Димитров отиде до тој степен да пишува навредливи и заканувачки пораки кон член на нашата управа, за подоцна и телефонски да се јавува и заканува кон фамилијата на членот на нашата управа. 
Точно е дека играчот беше повикан во службените простории на клубот каде и самиот побара да се извини за своето непримерно однесување, за што беше известен и тренерот на ФК Карбинци, Ангелче Краљов кој исто така беше присутен во службените простории на клубот во моментот кога беше и играчот Миле Димитров.
Фудбалскиот клуб Слога 1934 секогаш се стреми за пријателство со другите клубови и секогаш пристапува максимално професионално на секој натпревар, но за секоја лага напишана се со цел да се оцрни името на клубот или на некој од членовите на управата ќе бидеме принудени да покренеме тужба против сите лица кои даваат лажни изјави и шират лаги за Нашиот клуб.
Пс. Во прилог Ви доставуваме некои од навредливите и провоцирачки коментари на дел од раководството и играчите на ФК Карбинци“, стои во соопштението од Слога Виница.