Згаснува ѕвездата на Мурињо - една деценија без шампионска титула

Почетокот на кариерата на Жозе Мурињо најавуваше дека португалскиот стручњак би можел да стане најуспешен тренер на сите времиња и да ги сруши сите рекорди во европскиот и светскиот фудбал.

Јасно е дека тој е една од најголемите тренерски ѕвезди во историјата со завидни успеси, но последната деценија неговата ѕвезда полека згаснува. Не само што го избегнуваат најдобрите клубови во Европа, туку и во послабите лиги не успева да доминира и да освојува трофеи.

Од 2015 година, кога стана шампион на Премиер лигата со Челси, Мурињо нема ниедна национална титула, а во својата колекција стави четири трофеи кои не се сметаат за најсјани во светот на фудбалот: Лига купот и Суперкупот на Англија, Лигата Европа и Конференциската лига. Со Тотнем немаше успеси, Рома не успеа да ја однесе во Топ-4 од Серија А, а од речиси сите клубови каде работеше, добиваше откази среде сезона. Ако тоа се спореди со деценијата претходно кога два пати триумфираше во Лигата на шампионите, освои три титули во Премиер лигата, две во Серија А и една во ЛА Лига, јасно е дека кариерата му оди во надолна линија.

Последен доказ за тоа е турското првенство каде по вчерашниот пораз од Бешикташ, неговиот Фенербахче остана без реални шанси да го крене шампионскиот пехар бидејќи на четири кола пред крајот, негативата во однос на Галатасарај изнесува осум бода.