
Спектакл: Аргентина и без Меси му нанесе историски пораз на Бразил! (ВИДЕО)
„Гаучосите“ настапија без Лионел Меси, Лаутаро Мартинез и Пауло Дибала, но и покрај тоа доминираа на теренот, а прашањето околу победникот беше решено уште во првиот дел. Хулијан Алварез донесе водство во 4. минута, Енцо Фернандес зголеми на 2-0 по само осум минути, а Алексис Мекалистер во 37. минута погоди за 3-1. Единствениот гол за Бразил го постигна Матеус Куња во 26. минута, но Џовани Симеоне во 71. минута ја потврди убедливата победа на Аргентина.
Со овој триумф, Аргентина го завери билетот за Мундијалот во САД, Мексико и Канада, додека Бразил сè уште не е сигурен патник. За да се приклучат на големото натпреварување, „кариоките“ ќе мора да остварат барем две победи во преостанатите четири квалификациски натпревари. Ова воедно беше и прв квалификациски меч во историјата во кој Бразил примил четири гола.
Во другите дуели од јужноамериканските квалификации, Чиле и Еквадор одиграа без голови, Колумбија и Парагвај ремизираа 2-2, додека Венецуела славеше со 1-0 против Перу.