Дончиќ е далеку од најдобрите денови, Лејкерс повторно поразени (ВИДЕО)

Лос Анџелес Лејкерс со неочекуван пораз го почна вториот дел од сезоната во НБА лигата.

Пред една недела, тимот од Калифорнија загуби од Јута во Солт Лејк Сити, а утринава е поразен на домашен терен од Шарлот, претпоследниот тим на табелата во Источната конференција. Во единствениот натпревар од ноќешната програма во НБА, аутсајдерот славеше со 100-97, но не толку поради својата добра игра, колку поради очајното издание на Лука Дончиќ и остатокот од екипата.

Репрезентативецот на Словенија имаше лошо шутерско издание и потврди дека се наоѓа далеку од посакуваната форма и најдобрите денови, поминати во Далас Маверикс. Од игра погоди само 5/18, а за тројка беше посебно непрецизен, едвај 1/9, плус загуби шест топки. Ситуацијата можеше да ја спаси Леброн Џејмс, но во клучните моменти и тој два пати промаши за израмнување и Шарлот се израдува на неочекуваната победа.

Бриџис и Бол беа најзаслужни за неа, првиот постигна 29, а вториот 27 поени што значи дека тие двајцата реализираа повеќе од половина поени на Хорнетс. Леброн Џејмс ги предводеше Лејкерс со 26 поени, 11 асистенции и 7 скока, а Дончиќ и покрај лошото издание, беше блиску до трипл дабл, постигнувајќи 14 поени, 11 скока и 8 асистенции.