Ивановски е спортист на годината во Скопје, награди и за легендарните Хаџиевски и Радиќ!
Тој ја заслужи оваа награда за успесите во текот на изминатата година, меѓу кои и историскиот настап на Олимписките игри во Париз 2024, каде стана првиот македонски атлетичар кој завршил маратонска трка на ова натпреварување. Ивановски годинава продолжи да бележи лични рекорди и ја освои третата позиција на Скопскиот маратон, со што го зацврсти својот статус на еден од водечките македонски спортисти. За неговите постигнувања во голема мера заслужен е и неговиот тренер Игор Јакимовски, кој исто така доби признание на свеченоста.
Свеченото доделување на наградите „13 Ноември“ се одржа денеска во Спортскиот центар „Јане Сандански“, а беа доделени уште девет награди на спортисти, тренери и спортски работници кои постигнаа значителни резултати во 2024 година. Признанието „13 Ноември“ претставува особена чест за оние кои оставиле трајни траги во спортот и промоцијата на спортските вредности во Македонија.
Наградата за животно дело ја добија и истакнати спортски работници, меѓу кои ракометниот тренер Владимир Радиќ, фудбалската легенда Ѓоко Хаџиевски и атлетскиот тренер Ѓорѓи Чадиковски. Останатите добитници на наградата „13 Ноември” за 2024 година се Марјан Угриновски – Професор во Основното училиште „Јан Амос Коменски”, Мирјана Крстевска – Професор во СУГС „Димитар Влахов”, Филип Поповски – Фудбал, спортски работник и Влатко Неделковски – Декан на Факултет за физичка култура, спорт и здравје, спортски работник. Сојузот на спортови на Скопје ги доделува овие награди од 1970 година, со цел да го одбележи придонесот на истакнатите личности во македонскиот спорт.