Милано: Едвај чекав да дојдам во Скопје – верувам дека ќе ги оствариме целите!

Новиот тренер на РК Вардар, Гиљермо Милано, денеска и официјално ги почна тренинзите со тимот, на чија клупа ќе дебитира на гостувањето во Струга во сабота.

Тој се запозна со ракометарите, но и со луѓето со кои ќе соработува во стручниот штаб.

„Со нетрпение го очекував доаѓањето во Скопје и запознавањето со играчите и веќе ги одржав првите тренинзи со екипата. Тимот што го преземам е составен од професионалци кои оставија одличен впечаток. Првите впечатоци се одлични, и верувам дека ќе напредуваме на секое поле,“ изјави Милано, додавајќи дека и покрај натпреварите кои следат, тимот е посветен на остварувањето на целите.

Дел од ракометарите кои беа ангажирани во своите национални репрезентации се соочија со мали повреди, поради што ги пропуштија првите тренинзи оваа недела, но се очекува наскоро да се приклучат на тимот.