Барселона го покори Бернабе со најмладиот состав во последните 68 години

Дека на Барселона ѝ претстои блескава иднина ако успее да ги надмине финансиските проблеми, најдобар доказ се резултатите оваа сезона, а особено вечерашното дерби против Реал.

Ханси Флик излезе на Бернабе со дури шестмина фудбалери помлади од 22 години, а просечната возраст на играчите изнесуваше 24 години и 188 дена. Тоа е најмлада почетна постава на Барселона во Ел Класико од 1956 година. Интересно е што и тогаш „каталонците“ победиле, но со 1-0, благодарение на Луис Суарез кој во тој момент имал 21 година.

Денешниот натпревар Барселона го играше со двајца 17-годишници во почетната постава што не се случило никогаш во историјата. Ламин Јамал постигна еден од четирите гола и стана најмлад стрелец во историјата на Ел Класико.