Барса го растури Реал, ама и го одбрани својот рекорд

Се до вечерва, Реал изгледаше сигурен и непобедлив во шпанскиот фудбал, а по летните засилувања и доаѓањето на Мбапе, се чинеше дека не постои тим во Ла Лига кој може да го совлада.

„Кралевите“ беа на чекор од израмнување на рекордот по број на натпревари без пораз кој до вечерва беше, а и во иднина ќе биде во сопственост на Барселона. Каталонскиот клуб од април 2017 до мај 2018 година врза 43 натпревари без пораз, а Реал до вечерва беше на котата 42.

На шпанскиот и европски шампион му требаше да остане непоразен на домашен терен против Барселона за која и покрај добрите резултати сезонава, многумина сметаа дека не е на нивото на Реал. На Бернабе се покажа спротивното, Барса го згази својот голем ривал и го одбрани рекордот кој важи повеќе од шест години, а ќе важи уште долго време.

Последниот тим кој го совладал Реал во Ла Лига беше Атлетико на 24 септември 2023 година. На домашен терен, пак, тимот на Карло Анчелоти не беше совладан од 8 април 2023 кога загуби од Виљареал со 2-3.