Масакр среде Мадрид - Барса го понижи Реал за сите пари! (ВИДЕО)

Второ полувреме од соништата за Барселона и огромна победа на теренот на својот најголем ривал, во 11. коло од Ла Лига.

Каталонскиот гигант потсети на своите најдобри денови во поновата историја, а во исто време на навивачите на Реал им ги оживеа најголемите кошмари од ерата на Меси, совладувајќи го „кралскиот клуб“ со 4-0. Сите четири гола беа постигнати во второто полувреме и тоа е трет триумф за Барселона со овој резултат во последните девет години, по оној на 21 ноември 2015 и на 20 март 2022 година.

Ханси Флик му одржа лекција на Карло Анчелоти, во првото полувреме во одбраната, а во второто во нападот. Воведните 45 минути ги одбележаа дури осум офсајд-ситуации во кои се најдоа играчите на Реал што зборува за синхронизираноста на одбраната на каталонскиот тим. Во вториот дел, Барса тргна во акција и буквално го разнесе домашниот тим.

Во период од само две минути, два пати погоди Левандовски, прво на асистенција на Касадо, а потоа на Балде. По 20-тина минути затишје, период во кој Реал имаше шанс да намали, на сцена стапи Рафиња  кој за третиот гол му асистираше на Јамал, а потоа го постави конечниот резултат. Левандовски имаше можност да влезе во малата група фудбалери со хет-трик во Ел Класико, но при водство од 2-0, промаши стопроцентна шанса, односно празен гол, погодувајќи ја стативата.

 

 

Со овој триумф, Барселона отиде на +6 во однос на Реал Мадрид кој го претрпе првиот пораз оваа сезона.