Кошаркарите на МЗТ Скопје без поголеми проблеми дојдоа до третиот триумф во четвртиот меч сезонава во домашното првенство, откако вечерва, на домашен терен пред празни трибини поради казната од КФМ по инцидентите од неодамнешното вечно дерби, го совладаа МКК Куманово со 78-71.

Аеродромци беа поквалитетен и порасположен противник од дебитантот во елитата, кој од приватни причини на оваа средба не беше предводен од тренерот Марин Докузовски. Домаќинот брзо дојде до плус девет (13-4) како најава на крајниот епилог, а кумановци освен во кус период во втората четвртина во останатиот дел од средбата постојано беа во негатива. Отпорот на гостите конечно беше скршен во четвртиот период, во кој сино-белите првпат дојдоа до двоцифрена предност и највисоки плус 14 (75-61), по кои гостите од Куманово вратија со осум поени во низа, но немаа сили за целосен пресврт.

Брендон Слај одигра симултанка против противникот, со оглед што средбата ја заврши со 27 поени и по три скока и асистенции и тоа со две промашувања од поле (10/12). Двоцифрен кај МЗТ беше уште и Андреј Маслинко со 10 поени, додека Александар Радукиќ со 22 поени беше најефикасен кај МКК Куманово. Треба да се одбележи и малиот прекин поради влегување на навивачи на МЗТ во салата, кои прво мораа да излезат поради казната поради која средбата мораше да се игра пред празни трибини, по што натпреварот продолжи.

Ова беше прв меч од четвртата рунда од Првата лига, во која вечерва играат уште Шкупи и Вардар, Гостивар и Пелистер, односно Кожув и Тиквеш. Утре силите ќе ги одмерат Работнички и Чаир 2030 односно Феникс и ТФТ.