Ракометарите на Алкалоид го потврдија подобриот квалитет од литванска Клаипеда и не дозволија никакво изненадување во реваншот на гостински терен. Алкалоид победи и во Литванија сега со 31-37 за пласман во наредната фаза од ЕХФ Купот.

Од почетокот до крајот Алкалоид доминираше и ниту еднаш домашниот тим не беше во водство. Победата беше најавена уште во почетните минути кога Алкалоид поведе со шест разлика (2-8).

На средина од првиот дел избраниците на Лазаров имаа и девет гола предност, сепак во завршницата дојде до мало опуштање кај македонскиот претставник, па така Клаипеда намали на четири разлика и на одмор се замина со 17-21 во корист на Алкалоид.

Во вториот дел Алкалоид одигра онолку колку што е потребно да запише уште една победа и се што направија домаќините беше да се доближат до „минус два“, сепак до крајот Алкалоид повторно „додаде гас“ и славеше победа со шест гола разлика.

Серафимов беше најефикасниот со седум голови, а зад него следеа Бинго и Митев со по шест. Галевски на голот собра десет одбрани. На спротивната страна Лускенас постигна шест гола.