Македонија ЃП не го дава врвот - „лавовите“ го нокаутираа Кожув!

Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров триумфираа со убедливи 3-0 против Кожув и го продолжија походот кон враќање во Првата македонска фудбалска лига.

По една одлична акција од левата страна во 29. минута од средбата во листата на стрелци се запиша Максим Славков и донесе предност за „лавовите“ од 1-0.

Кожув се обидуваше да се врати во мечот, но не успеа, а казната пристигна во 69. минута кога Христов го матираше противничкиот голман за водство од 2-0.

Македонија ЃП постигна и трет гол на натпреварот, и тоа во 85. минута кога ги постави конечните 3-0.

Брегалница славеше против Вардар Неготино со 2-0 со головите на Галевски и Фејзулаи, додека Арсими одигра нерешено против Скопје (0-0).

На останатите натпревари Башкими славеше против Саса со 2-1, Беласица го совлада Осогово со 2-1, додека Борец и Детонит Плачковица одиграа без голови (0-0).

Екипата од Ѓорче Петров е прва со 22 бодови, по што следи Брегалница со 21, додека Башкими е на третото место со 20 бода.