Алкалоид и Охрид по заверка на пласманот во трето коло во ЕХФ Купот

Македонските екипи Алкалоид и Охрид денеска ги играат реваншите против Клаипеда и Турда во обид да се изборат за пласман во третото коло на ЕХФ Купот.

Алкалоид се наоѓа во подобра позиција против Клаипеда, поради триумфот од 42-31 во првиот меч, па денеска во Литванија ќе се обиде да ја заврши работата и да се пласира во следното коло.

„Имаме голема предност, но очекувам тежок натпревар со Клаипеда. Нема да се опуштиме и ќе се потрудиме да го дадеме максимумот во денешениот дуел. Ќе биде неизвесно до крајот, но посакуваме победа. Момците се подготвени, но воедно и исцрпени поради густиот распоред. Свесни сме за предизвикот кој нè очекува“, кажа тренерот Кире Лазаров.

Натпреварот меѓу Алкалоид и Клаипеда во второто коло од европскиот куп се игра од 15 часот.

Охрид со солидна залиха гостува во Романија кај Турда, откако го доби првиот натпревар со 31-25, меѓутоа од таборот на македонскиот тим сметаат дека мора да бидат претпазливи пред реваншот.

„Подготвени сме за мечот со Турда. Предноста од шест голови не е мала, но мора да бидеме фокусирани и претпазливи. Мотивирани сме и сакаме да се пласираме во следното коло“, кажа тренерот Стевче Алушовски.

Средбата меѓу Охрид и Турда е закажана во Романија од 17 часот.