Вардар одмазднички низ Кавадарци: Пеколни 15 минути за убедлив триумф на „црвено-црните“

Откако минатата сезона ја загуби шампионската титула поради поразот од Тиквеш во Кавадарци, Вардар денеска не дозволи изненадување на истото место и со убедлив триумф го заврши дербито на деветтото коло од ракометната Суперлига.

„Црвено-црните“ славеа во „Јасмин“ со 32-23 и го задржаа чекорот со водечкиот Алкалоид зад кого заостанува само една победа. Конечниот резултат можеби не е реален одраз на она што се случуваше на теренот бидејќи Вардар победи поради подобрата игра во последните 15-тина минути откако претходните 45 во апсолутно израмнета игра.

Во воведното полувреме, двете екипи се менуваа во водство и ниедна од нив не успеа да направи повисока предност од два гола разлика. На голем одмор се замина со 12-11 за гостинскиот тим и израмнето беше до средината на вториот дел. Клучна се покажа серијата од 5-0 на Вардар кој од негатива од еден гол (17-18) отиде на предност од +4 (22-18). Тоа беше шок за Тиквеш кој и во следниот период на можеше да се снајде и му дозволи на гостинскиот тим да отиде и на предност од девет разлика, со колку и заврши натпреварот.

Маргели беше најефикасен кај Вардар со осум гола, Крсманчиќ додаде шест, додека кај Тиквеш, Анастасовски и Манасков реализираа по пет пати.

Во првиот меч од денешната програма во Суперлигата, Бутел како гостин минимално го совлада Бисинов со 26-25.