Сензација во Гостивар, Вардар остана единствен тим без победа во Првата лига

Екипата на Гостивар направи големо изненадување откако го совлада Пелистер со 77-66 во четвртото коло од Првата македонска кошаркарска лига.

Битолскиот тим беше еден од трите несовладани екипи во досегашниот дел од шампионатот, но не го издржа налетот на мотивираните домашни кошаркари кои одиграа извонреден меч и ја остварија првата победа сезонава пред своите навивачи. 

Доминираа Максим Митевски кој постигна 21 поен и 8 скока, Роудс со 19 и Дарко Соколов со 17 поени, а до триумфот, Гостивар дојде со само седум кошаркари кои добија минутажа од тренерот Љупчо Малинков. Кај Пелистер, убедливо најдобар беше Едвардс со 26 поени и 12 скока, но вицешампионот имаше очаен шут за тројка со погодена само една од 18 обиди, а Костоски шутираше 0/7 од игра и го заврши натпреваро со само два поена, постигнати од линијата за слободни фрлања.

По четвртото коло, единствен тим без победа во Првата лига ќе остане Вардар откако „црвено-црните“ денеска загубија во дербито на дното од Шкупи со 68-89. Чаирчани доминираа почнувајќи од втората четвртина која ја добија со 27-16 и до крајот не ја испуштија убедливата предност.

Дури шест играчи на Шкупи беа двоцифрени, а најефикасен Вилијамс со 19 поени. Стивенс го предводеше Вардар со 18.

РЕЗУЛТАТИ
Шкупи - Вардар 89-68
Гостивар - Пелистер 77-66
Кожув - Тиквеш 85-64