Кошаркарите на Работнички го претрпеа и третиот пораз во исто толку натпревари во АБА 2 лигата откако вечерва на домашен терен тимот на Босна ги декласираше со убедливи 74-99.

Работнички одигра уште еден натпревар во кој не можеше да парира на противникот  и во ниту еден момент немаше водство на средбата. Од самиот почеток гоститедоминираа и разликата од минута во минута се зголемуваше.

Пред завршувањето на првата четвртина кошаркарите на Босна и за првпат поведоа со двоцифрена разлика (12-22), а по завршувањето на период македонскиот претставник заостануваше девет поени (16-25).

Кон средината на втората четвртина гостите ја вратија двоцифрената предноста и од тој момент не ја испуштија. На паузата избраниците на тренерот Самарџиев веќе заостануваа и 22 поени разлика (32-54).

Не се промени ништо на паркетот ниту по враќањето на кошаркарите од одморот, па гостите сосема сигурно ја одржуваа високата предност додека Работнички никако не успеваше да воспостави рамнотежа на теренот. Во еден момент од натпреварот Босна поведе и со огромни 34 поени разлика (47-81).  Тоа беше најголемото водство до кое стигнаа, а на крајот и малку недостуваше да дојдат до 100 постигнати поени. 

И покрај убедливиот пораз Работнички го имаше најефикасниот кошаркар на натпреварот, Имран Полутак кој постигна 27 поени, додаде девет скока и запиша две асистенции. Во победничкиот табор Ковачевиќ уфрли 19 поени, а го следеше Гутиќ со еден помалку.

Во следното коло на 5 ноември Работнички повторно игра против тимот на Босна, но на гостински терен..