Пролет покажа „заби“, но Охрид не дозволи изненадување
По почетното водство од 1-0 на домаќините Пролет со една мини-серија ја презема предноста и поведе со два разлика (3-5). Охрид сепак не дозволи гостите да се „одлепат“ па брзо се врати и откако неколку минути се играше „гол за гол“ следуваше подобар период за домаќините.
Завршницата од првиот дел во целост му припадна на Охрид кој со добрата игра во тој период на паузата си обезбеди водство од четири разлика (18-14).
Но, ниту тие четири разлика не ги откажаа ракометарите на Пролет кои успеаа да се вратат и повторно да водат на неколку пати со по еден разлика. Сепак, слично како и во финишот од првото полувреме, Охрид во завршницата одново „додаде гас“ и на крајот славеше победа со 33-29.
Гоце Ојлески со седум гола беше најефикасен во редовите на Охрид, по пет на спротивната страна постигнаа Никола Јукиќ и Живан Пешиќ.
По овој триумф Охрид дојде до 14 бода колку што има и Вардар, Алкалоид е лидер со максимали 16 бодови, додека трет е Пелистер со 12.