„Во Атлетико Мадрид поминав многу ноќи плачејќи, не се чуствував како фудбалер“

Саму Омородион игра фантастично за Порто, постигна седум голови на седумте натпревари кои ги одигра за португалскиот тим досега. Тој ова лето таму пристигна од Атлетико Мадрид за 15 милиони евра.

Атлетико Мадрид во 2023 го донесе Омородион од Гранада, но тој никогаш не заигра за тимот на Симеоне, беше пуштен на позајмица во Алавез, а потоа продаден на Порто.

Пред да се случи зделката со Порто, Омородион ги помина лекарските прегледи и во Челси, но трансферот пропадна, сините го вратија напаѓачот.

„Во Атлетико поминав многу ноќи плачејќи, моето семејство исто така страдаше“, открива 20-годишниот Омородион.

„Тренирав одвоено, не се ни чувствував како фудбалер. Беше тешко. Никој не зборуваше со мене, и јас не зборував со никој. Веќе го знаев ставот на клубот“.

„Летото беше тешко. Бев пред потпис со Челси, но не се случи. Сите работи се случуваат со причина, му благодарам на Бог што на крајот завршив во Порто, тука сум многу среќен“.