Драма во Битола: Пелистер по пет порази по ред конечно го победи МЗТ!

Кошаркарите на Пелистер ставија крај на серијата од пет порази по ред и вечерва, на домашен терен, конечно го совладаа МЗТ Скопје (68-67) во меч со неколку пресврти и голема драма на крајот со што најавија интересна сезона и напад на двата трофеи на домашна сцена.

Херој на вечерта во битолскиот табор беше Американецот Брајан Ентоан, кој по соло пробив го постигна победничкиот кош на нецели четири секунди до крајот. Тој воедно беше и најпрецизен кај зелено-белите со 16 поени и шест скока, со што дефинитивно го заслужи МВП признанието по оваа средба. Аеродромци исто како и пред два дена против Цедевита јуниор во АБА2 загубија средба во која водеа во голем дел и тоа во еден момент со највисоки плус шест (12-6).

Битолчани со серија 11-3 на крајот од првата и почетокот на втората четвртина го направија првиот резултатски пресврт и поведоа со 29-24, разлика која ја одржуваа до пред крајот на третиот дел од мечот. Тогаш шампионот врати на сличен начин и со серија 11-4 повторно дојде до поопипливо водство (62-59), кое им донесе неизвесен финиш во кој домаќинот имаше повеќе среќа и ги освои драгоцените бодови. Покрај Ентоан, двоцифрен ефект кај Пелистер имаше и Александар Костоски со 13 поени, додека Брендон Слај со 13 поени беше најефикасен кај МЗТ.

Претходно денеска, во пресметки од втората прволигашка рунда, ТФТ како гостин го совлада Гостивар (61-60) додека МКК Куманово против Тиквеш (93-89) дојде до првиот триумф во дебитантскиот настап во елитата. Вечерва играат уште Шкупи и Работнички, додека утре силите ќе ги одмерат Феникс и Чаир 2030 односно Кожув и Вардар.