Милевски: Важно е да останеме први во групата, не е важно како ќе го направиме тоа!

Македонската фудбалска репрезентација утре од 18 часот ѝ гостува на Ерменија во натпревар од четвртото коло во Лигата на нации, меч кој ќе биде одлучувачки за првото место во групата.

Победата на Македонија во Рига против Летонија и ремито на Ерменија со Фарски острови, не стави во поволна позиција пред утрешната пресметка. Ни одговара дури и минимален пораз за да ја задржиме првата позиција.

„Пред почетокот на овој октомвриски циклус од Лигата на нации, целта ни беше да останеме на првото место. Не е важно како ќе дојдеме до таа цел, важно е да ја оствариме. Комплетно сме фокусирани на Ерменија и на тоа како треба да излеземе на терен. Не сакаме да мислиме на комбинациите, за тоа ќе размислуваме во ноември. Секој меч е различен. Утрешниот ќе биде различен од оној пред три години, но и од последниот кој минатиот месец го игравме со нив. Ерменците ни се како судбина, квалитетни се и не смееме да ги потцениме“, рече Милевски на денешната прес-конференција.

Муслиу поради повреда порано го напушти мечот со Летонија, но неговата состојба е добра, а настапот уште е неизвесен.

„Муслиу се чувствува многу подобро, но ќе видиме како ќе биде по денешниот тренинг. Истото важи и за останатите, по тренингот ќе го одлучам стартниот тим“.