„Ми требаат 16 добри војници за да изненадиме тим како Фуксе Берлин!“

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер утре ќе го одигра првиот домашен натпревар сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ) и тоа против бундеслигашот Фуксе Берлин.

Тренерот Бранислав Ангеловски посакува меч како против ПСЖ во Париз, каде што битолчани загубија со мала разлика (29-31).

„Би сакал натпреварот во Париз да биде само една најава за она што ќе следува в среда. Трибините да бидат полни и сигурен сум дека со нашиот осми, деветти играч можеме да повториме уште еден добар натпревар како тој во Париз и да се надеваме на поволен резултат, а тоа е победа“, рече Ангеловски.

Предводникот на битолчани потоа зборуваше за можноста десниот бек, Усама Хосни, да настапи в среда против „мечките“ од Берлин.

„Не можам да кажам дали Усама Хосни ќе игра. Тој три недели е надвор од тренажен процес. Ми требаат шеснаесет војници за противник како Фуксе Берлин. Сигурно дека ќе треба и тактички и физички и ментално да бидеме подготвени“, додаде стратегот на зелено-белите.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Фуксе Берлин се игра во салата „Боро Чурлевски“ в среда од 20.45 часот.