Очекувано: Модриќ и официјално го продолжи договорот со Реал Мадрид!

Хрватскиот ветеран, Лука Модриќ и во следната сезона ќе го носи дресот на Реал Мадрид, откако денеска и официјално го обнови договорот со „кралскиот клуб“, каде што настапува уште од 2012 година.

Тој минатата сезона, по првичното незадоволство, ја прифати улогата на играч кој придонесува од клупата и ги убеди челниците да му го продолжат договорот се наоѓа на прагот од петтата деценија. Тој во септември ќе го прослави својот 39-ти роденден, тоа се години кога повеќето фудбалери уживаат во пензија или се натпреваруваат во помалите лиги, но Модриќ и покрај возраста ќе го предводи шпанскиот гигант во битката за одбрана на титулите во Лигата на шампионите и шпанското првенство.

Останувањето беше неговата најголема професионална желба, која и му се оствари, па сега има можност да го престигне Ференц Пушкаш и да стане најстариот фудбалер кој настапувал за Реал. Овој рекорд ќе го собори веќе во октомври. Хрватот исто така има можност да стане најтрофејниот фудбалер во историјата на Реал Мадрид, со оглед што во моментов ја дели лидерската позиција со Начо, кој повеќе не е во клубот и не може да ја зголеми бројката од 26 освоени трофеи.

Добитникот на „Златната топка“ од 2018 година одигра вкупно 534 натпревари за гигантот од Мадрид, постигнувајќи 39 голови и остварувајќи 86 асистенции. Меѓу неговите поистакнати трофеи се шестте победи во Лигата на шампионите (рекорден што го дели со Дани Карвахал) и четири титули во Ла Лига.