Зајков: Видовме каде грешевме во Риека, против Чешка ќе бидеме – подобри!

Македонските фудбалски репрезентативци фокусот од неодамнешната средба против Хрватска, во која убедливо беа поразени (0-3), полека го насочуваат кон пријателскиот меч против Чешка закажан за в понеделник (10 јуни).

Избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе се обидат на го подобрат лошиот впечаток од мечот во Риека, барем тоа го потенцира еден од неговите фудбалери, Ѓоко Зајков.

„Го анализиравме натпреварот со Хрватска, ги воочивме грешките и сега имаме неколку дена за подготовка за мечот против Чешка, во кој се надевам ќе влеземе со многу поголема самодоверба. Треба да сме повеќе фокусирани во одредени ситуации, да бидеме максимално сконцентрирани на тактиката зададена од селекторот и секој фудбалер максимално да си ја одработи задачата. Ние имаме проблем на клупско ниво, некои не играат, некои помалку некои повеќе. Затоа беа и овие подготовки. Ќе пробаме да изгледаме подобро на мечот со Чешка“, изјави Зајков.

Средбата против Чешка ќе ја одиграме на теренот на противникот во Храдец Кралове од 18 часот.