Пелистер: Колку и да боли поразот од МЗТ, горди сме што Битола беше центар на кошарката!
Пелистер не успеа да ја израдува домашната публика и да го крене трофејот во „Боро Чурлевски“, но од екипата соопштија дека се горди што Битола била центар на кошарката во изминатите денови.
„Колку што боли поразот во самиот финиш од финалето, толку е голема гордоста за сето она што го направивме сите заедно во последните денови, за Битола да биде центар на кошарката, но и да постави пример за организација, однос на навивачи и се она што го красело и што во иднина ќе го краси нашиот град.
Благодарни сме на Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски за сета поддршка што ја добиваме од почетокот на овој сериозен проект. Оваа соработка ни дава за право да се надеваме на уште поголеми успеси во иднина. Горди сме на нашите ‘Чкембари’. Ја препознаа нашата спортска искреност, желбата да донесеме трофеј во Битола и ја наполнија салата 'Боро Чурлевски'. Најтешко е да се биде голем во поразите, но нашите верни навивачи го сторија токму тоа кога на сите ни беше најтешко, уште еднаш покажувајќи зошто се најдобра навивачка група во Македонија.
Горди сме на самите себе, за начинот на кој го организиравме овој турнир, покажавме дека имаме капацитет и организациски способности, зошто да не во иднина да донесеме и регионален турнир во Битола. Секако, останува тагата што сиот овој заеднички труд на сите битолчани не беше крунисан и со трофеј. Сепак, убедени сме дека вака сплотени, тоа е само прашање на време и најдоброто од нашето спортско семејство допрва следи. Ви благодариме на сите од срце“, соопшти Пелистер.