Дамјан Робев со 13 поени во серија заслужено до МВП признанието!

Кога најмногу му требаше на МЗТ, репрезентативецот Дамјан Робев одговори на предизвикот и беше херојот во клучните моменти од вечерашниот триумф во куп-финалето против Пелистер (62-60) за што заслужено го доби МВП трофејот.

Тој средбата ја заврши со 13 поени, кои ги постигна во серија во финишот од третиот и почетокот на последниот период. Кога на теренот го немаше повредениот Војдан Стојановски, а во финишот и Дамјан Стојановски поради пет лични грешки, бекот на аеродромци ја презеде одговорноста врз себе и буквално самиот направи пресврт.

Ова е одлично и за селекторот на Македонија, Александар Јончевски, со оглед што Робев е еден од кошаркарите кои можат и тоа како да му помогнат во обидот да се дојде до победи на стартните две средби од квалификациите за ЕП 2025, кои следната недела ќе ги одиграме против Естонија и Полска.