Атанасов: Ако го сакаме трофејот треба веднаш да ја заборавиме оваа победа!

Екипата на МЗТ Скопје очекувано без поголеми проблеми дојде до триумф во четвртфиналната пресметка против Гостивар (91-76) на стартот од завршниот турнир од Купот на Македонија, кој годинава се игра во Битола.

Аеродромци немаа поголеми проблеми против најлошо рангираниот тим од сите учесници, а пеколниот ритам за играње секој ден е причина што оваа средба веќе е заборавена во таборот на македонскиот првак.

„Само во првата четвртина имаше некаква рамноправност во натпреварот, додека во преостанатиот дел го контролиравме натпреварот во ниту еден момент не дозволивме било какви изненадување. Мораме брзо да го заборавиме овој дуел, бидејќи утре не чека полуфинале и тоа против ривал кој ќе го дознаеме дури вечерва. Гостивар цела сезона игра тврди натпреварим па така беше и сега, односно и овој пат не се предаде без борба. Факт дека можеби имаме поширок ростер квалитетни играчи, но не би рекол дека одмаравме некого од нив, туку одигравме максимално борбено и со голема желба за успех“, изјави тренерот на „металците“, Васко Атанасов.

Противник на МЗТ во утрешното полуфинале ќе биде подобриот од пресметката помеѓу Работнички и ТФТ (17 часот).