Јончевски одбра: Со четворица „странци“ и петорица од МЗТ ќе ја нападнеме Естонија!

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Јончевски, одбра 14 кошаркари со кои в понеделник ќе ги почне подготовките за првиот меч од квалификациите за ЕП 2025, кој на 23 февруари ќе го одиграме против Естонија во салата СРЦ „Кале“ во Скопје.

Предводникот на жолто-црвените се реши за комбинација на искуство со младост, со оглед што носители на играта се очекува да бидат ветераните Војдан и Дамјан Стојановски, кој по три години се враќа во националниот тим и тоа да помогне и достојно да се прости од најдрагиот дрес. Во комбинација е и Ненад Димитријевиќ од руски Уникс, кој ги пропушти последните неколку репрезентативни акции, најчесто поради повреди во последен момент, како и нашиот нов Американец, Итан Хап од шпанска Гран Канарија. Ова значи дека мечевите против Естонија и против Полска три дена подоцна ќе ги пропушти најзаслужниот што го минавме претквалификацискиот циклус, Ти-Џеј Шортс.

Покрај Димитријевиќ и Хап, во комбинација за пресметката против Естонците се уште двајца „странци“ и тоа Адем Мекиќ од хрватски Задар и Лејсон Зеќири од косовскиот тим Башкими. Од домашните екипи најмногу репрезентативци има МЗТ Скопје, кој освен браќата Стојановски ќе ги има и Бојан Крстевски, Дамјан Робев и Марин Петков. Потоа следува актуелниот вицешампион Пелистер, од чии редови во дресот на Македонија ќе настапат Андреј Магдевски, Андреј Маслинко и Амар Хот, а само уште еден домашен тим има репрезентативци и тоа Работнички, чија чест во избраниот тим ќе ја бранат Стојан Ѓуроски и Виктор Ефремовски.

Средбата против Естонија на 23 февруари на домашен терен ќе биде можеби и најважна за враќање на европска сцена и пласман на првото ЕП по пауза од десет години. Три дена подоцна ќе ѝ гостуваме на Полска, која ќе нѐ пречека со двајца евролигашки кошаркари иако игра надвор од конкуренција бидејќи е еден од организаторите на континенталниот собир во 2025 година. Во нашата група е уште и Литванија, која е најголем фаворит за првото место. Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобри селекции во конкуренција на Македонија, Литванија и Естонија.

СПИСОК НА КОШАРКАРИ
Војдан Стојановски – МЗТ Скопје Аеродром
Дамјан Стојановски – МЗТ Скопје Аеродром
Бојан Крстевски – МЗТ Скопје Аеродром
Дамјан Робев – МЗТ Скопје Аеродром
Марин Петков – МЗТ Скопје Аеродром
Андреј Магдевски – Пелистер
Андреј Маслинко – Пелистер
Амар Хот – Пелистер
Стојан Ѓуроски – Работнички
Виктор Ефремовски – Работнички
Ненад Димитријевиќ – Уникс Казан, Русија
Адем Мекиќ – Задар, Хрватска
Лејсон Зеќири – Башкими, Косово
Итан Хап – Гран Канарија – Шпанија

СЕЛЕКТОР: Александар Јончевски