
Кузмановски го раскина договорот со германски Вецлар!
Од ракометниот клуб Вецлар информираат дека се разделиле со македонскиот ракометар, Филип Кузмановски. Договорот кој траеше до крајот на сезоната, предвреме е раскинат.
„Договорот беше раскинат со взаемна согласност. Филип дојде кај нас со желба да му дозволиме да го напушти клубот бевме согласни со тоа бидејќи за жал тој не ги исполни во целост нашите спортски очекувања. Му благодариме на Филип за неговата посветеност и му посакуваме се најдобро во иднина“, изјави директорот на Вецлар, Бројн Сеип.
Кузмановски за Вецлар одигра вкупно 27 натпревари и постигна 25 голови. Раскинот со германскиот клуб доаѓа пред Европското првенство во Германија кое се одржува во јануари, па ќе биде важно дали ќе има или ќе нема нов клуб дотогаш.
Една очигледна опција е враќање во Пелистер, неговиот матичен клуб, кој исто така се мачи со играта, тренерите, резултатите...