
Победи ли спортот? Украинска тенисерка ѝ пружи рака на противничка од Русија (ВИДЕО)
Резултатот падна во втор план пред сцената која привлече најголемо внимание – двете тенисерки се поздравија на мрежата, гест што се смета за редовен во тенисот, но кој во овој контекст доби длабока симболика. Овој чин е значаен бидејќи Костјук, откако започна војната во Украина, доследно одбиваше да се ракува со руски и белоруски тенисерки, како личен протест против руската агресија на нејзината земја. Така беше и неодамна во Мадрид, кога не се поздрави со Анастасија Потапова и Арина Сабаленка. Но, со Касаткина направи исклучок. Причината за овој пресврт ја појасни уште пред мечот, преку порака објавена на нејзиниот Инстаграм.
„Некои велат дека спортот треба да биде надвор од политиката. Но ова не е политика – ова е човечност. Од почетокот на војната одбивав да се поздравувам со руски и белоруски играчи. Но, кога некој не само што ја признава Русија како агресор, туку и дејствува по тоа – тоа заслужува почит“, напиша таа.
Костјук се осврна на одлуката на Касаткина да се откаже од руското државјанство и од оваа година да настапува под знамето на Австралија – потег што таа го нарече „храбар чин“. По натпреварот, таа додаде.
„Ништо не се променило меѓу нас, но таа сега претставува друга земја – и тоа го направи поздравот можен“, заврши Украинката.
Касаткина, инаку отворено геј личност, претходно оваа година ја објасни својата одлука.
„Со сè што се случува во мојата поранешна земја, немав многу избор. Ако сакам да бидам тоа што сум – морав да го направам овој чекор“, објасни таа.
Костјук во претходните шест дуели не се поздравуваше со Касаткина, бидејќи таа тогаш или ја претставуваше Русија или настапуваше без државно обележје поради санкциите на ВТА.