Екстра важни пресметки во Првата лига: Работнички и Пелистер за опстанок, Вардар за титула
Од 16 часот, на Градски, Работнички го пречекува Пелистер, а во Гостивар, Башкими се среќава со лидерот Вардар.
Дуелот на Градски е директен за опстанок во Првата лига бидејќи на двете екипи им се заканува испаѓање во понизок ранг. По доаѓањето на новиот тренер Марјан Секуловски, битолскиот тим се консолидира и излезе од опасната зона, па сега има четири бода повеќе од својот денешен ривал, но само два од Македонија ЃП која победи во последните две кола. Под водство на Секуловски, Пелистер освои десет од вкупно 15 бода и си ги зголеми шансите за спас. Обратна е ситуацијата кај Работнички кој по добриот период, повторно влезе во криза и загуби три од последните четири кола и сега е на 11. место на табелата. Она што носи оптимизам во редовите на Работнички е тоа што тимот од Дебар Маало го совлада Пелистер со 3-0 во првиот меѓусебен дуел оваа сезона, одигран уште во септември
Вториот меч од денешната програма е исклучително важемн за Вардар. По вчерашниот кикс на Шкендија, најтрофејниот тим во земјава има шанса со победа да избега на четири бода, што на три кола пред крајот на сезоната би била огромна предност пред Шкендија. Од друга страна, Башкими резултатски е сигурен на шестата позиција иако над клубот се надвиснати други проблеми кои можат да влијаат на неговата егзистенција.