
Тонали донел лекарска потврда за зависност од коцкање!
Адвокатскиот тим на Тонали се обидува да направи што може за да ја ублажи казната, поради тоа фудбалерот соработува и се појавува редовно на сослушувањата со обвинителството на Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ). Како дел од стратегијата, на денешното сослушување Тонали донел медицинска потврда за дијагноза зависност од коцкање.
Неговиот агент Бепе Ризо уште пред неколку дена се огласи во јавноста велејќи дека фудбалерот „страда од зависност од коцкање“, а денеска „Газета дело спорт“ се повикува на свои извори дека тоа било поткрепено и со лекарско мислење.
Според популарниот весник, 23-годишниот играч за врска веќе со години се соочувал со оваа дијагноза, меѓутоа важно е да се знае дека досега се товари само за обложување на натпревари на Милан, не и за местење. И самиот Тонали, на едно од сослушувањата, признал дека се обложувал на натпревари на „росонерите“ додека играше за нив, но само со исход „победа“ и исклучиво кога не бил во тимот.
Друга олеснителна околност за него е фактот што нема наталожен долг како Фаџоли, кој треба да доплати три милиони евра позајмица за обложување. Од друга страна, во признанието на Фаџоли, Тонали е истакнат како човекот кој му ја предложил илегалната апликација за обложување. Некои од италијанските медиуми претпоставуваат дека Тонали ќе биде суспендиран подолго од Фаџоли, најверојатно 16 месеци. Судскиот исход треба да се знае до крајот на октомври.